Обука за подобро образование

Шест наставници од СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје ги реализираа мобилностите од проектот „Образование преку комуникација и технологија“ кој се спроведува во рамките на програмата на Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност, финансиски поддржана од Европската унија.
Активностите на обуките од проектот одржани во Тенерифе и Барселона (Шпанија) беа со цел наставниците да ги подобрат своите познавања поврзани со користењето на ИКТ во наставата, како и да се запознаат со современите комуникациски методи и техники за подобрување на релацијата наставник-родител.
Овие средини беа избрани заради конкретните обуки, но и со цел наставниците од Македонија да добијат увид во поразвиените образовни системи. Тие се стекнаа со нови наставни методи и технологии кои можат да ги применат во училницата.
„Новите генерации се едуцирани од технологијата и не треба да се плашиме од неа. Треба да ја вклучиме во процесот на настава и учење, наместо да се обидуваме да ги наметнеме традиционалните начини на учење на младите умови,“ рече Билјана Николовска-Прља, координатор на проектот. „Проектот ни овозможи да го надградиме нашето знаење со помош на наставниците од Европа и ни овозможи пристап до методите на настава и решавање проблеми во односот наставник-родител-ученик.“ додаде таа.
Марија Крепиева, наставник во СУГС „Браќа Миладиновци“,изјави: „Во текот на работилниците ни беа презентирани современи комуникациски методи преку кои наставникот нема да води само монолог при средбата со родителите, туку важна е двонасочната комуникација во која наставникот треба да биде и во улога на активен слушател.“ Таа додаде дека особено и се допаднале препораките за организирање неформални средби со родителите, заради меѓусебно подобро запознавање, намалување на тензичната атмосфера на родителските средби и правење договор на почетокот на учебната година. „Целта е подобрување на резултатите на учениците и создавање на волонтерски можности за вклучување на родителите во училишната заедница,“ заклучи таа.
„Во ерата на дигитализација и забрзан информатичко-технолошки развој, нормално е да ги следиме тековите и да ги прифатиме промените. Дигитализацијата е навлезена во секоја сфера од нашиот живот, така што учеството на оваа обука е голема придобивка за нас како наставници,“додадеВалентина Великова, наставник во СУГС „Браќа Миладиновци“. „Мислам дека со примената на интернет-апликациите (Socrative, Quizlet, Quizziz,GoogleSlides, LiveWorksheets, Kahoot, EducaPlay) наменети за работа со ученици, ќе се зголеми интересот кај нив, ќе има поголема мотивираност и интерактивност. Треба да сме во чекор со времето, да ги следиме интересите на учениците и да им овозможиме квалитетна настава со нови модели на учење и проверка на наученото, а овие интернет алатки го нудат токму тоа,“ заклучи Валентина Великова.
Во текот на оваа недела се одвива дисеминација на обуките во рамките на училиштето, во други училишта, како и со родителите.

< >
<
>