Коза

Capra aegagrus hircus

Козата е првото припитомено диво животно од страна на човекот. Според ДНК-анализите, тоа се случува во младото камено време (неолит).
Во тој период од праисторијата, човекот почнува да обработува земја, да гради живеалишта и населби со постојана местоположба, како и да припитомува животни. Ги прибира стадата диви кози пред се заради млеко и месо. Тоа се случува на подрачјето на Блискиот Исток, Азија и Источна Европа.
Припитомувањето доведува до морфолошка промена на скелетот, роговите, како и комплетно помала големина за разлика од дивата коза. Козата припаѓа на фамилијата цицачи, во групата преживари и постојат повеќе од 300 посебни типови кози.
Овцата и козата се во многу блиско сродство. Козите се многу застапени во земјите со екстензивно земјоделско производство. Во последните години, бројот на кози расте и во високоразвиените земји поради квалитетот на нивното млеко, особено за луѓе нетолерантни на кравјо млеко. Козјото млеко е поздраво од кравјото и полесно се вари во човечкиот организам. Козата дневно дава и до 3 литри млеко, и со оглед на својата големина, таа дава најмногу млеко во однос на сите други животни. За исхрана, најмногу сакаат да брстат лисја и гранки. Доколку ги имаат на располагање сите делови од растенијата, козите ќе јадат 60 % лисја и стеблести растенија, а само 20 % трева. Тие ретко ќе изедат извалкана храна или загадена вода, освен ако не се соочат со глад.
Но, по природа многу се љубопитни: ќе џвакаат и ќе вкусат нешто што можеби личи на растителна материја; ќе пробаат дали може да се јаде картон, облека и хартија. Козата најчесто се пари наесен и по 150 дена вообичаено раѓа 1 - 3 мали. Малото се нарекува јаре. Мажјакот (наречен јарец), постигнува полова зрелост на 5 месеци, а женката на 7 месеци. Животниот век на козите е помеѓу 15 и 18 години.
Покрај основната функција, одгледување заради млеко и месо, денес во светот постојат и други причини. Во Северна Америка постојат компании „Rent a goat“, кои ги изнајмуваат своите кози за „чистење" на сувите треви, грмушки и бршлени од местата подложни на пожари, особено на ридовите околу Калифорнија. Со оглед дека козите се „машини за јадење", тоа го прават со посебна сласт.

Можеби знаете а можеби не...

Минералниот елемент бром (Br) е именуван по грчкиот збор „bromos", што значи „смрдеа на кози". Козите се многу се подвижни, знаат да балансираат на опасни места, а се качуваат и на дрвја. Тоа се единствените преживари што се качуват на дрво. Очите на козите имаат хоризонтални зеници во форма на процепи.

< >
<
>