Кокошка

Gallus gallus domesticus

Кокошката е најраспространета птица на нашата планета. Во светот има повеќе кокошки од која било птица. Луѓето ги одгледуваат кокошките најмногу како храна, консумирајќи го месото и јајцата. Кокошката е подвид на птици, со потекло од Југоисточна Азија. Еволуирала од дивите видови и припитомена е пред 10 000 години. Некогаш, кокошките летале исто како и сите други птици. Но, со текот на времето, нивните крилја се смалиле, а телото им станало тешко и тромаво. Тие денеска живеат на земја, имаат можност да подлетнуваат, но не се способни за лет. Бидејќи се движат по земја, имаат силни нозе, со широка поставеност на прстите кои завршуваат со канџи. Тоа им помага цврсто да се држат за подлогата. Затоа и кога спијат во таа положба, не паѓаат. Машките единки се нарекуваат петли и тие се поголеми. Денес постојат поголем број раси на кокошки кои се делат на раси за месо и раси за јајца. Расите кокошки за месо вообичаено се тешки и даваат помалку јајца, додека расите за јајца се полесни и можат да дадат и над 300 јајца годишно. Кокошките се хранат првенствено со житарици. Домашно одгледуваните кокошки, кои слободно се движат, колваат разни семиња, црвчиња, гасеници и инсекти што ги вадат од земјата. Сакаат и зелени листови, особено од салати и зелје. Додека колваат низ дворот, голтаат песок и мали каменчиња кои потоа им помагаат полесно да ја сварат храната. Во руралните средини, речиси нема земјоделско стопанство без неколку кокошки што се одгледуваат за сопствени потреби. Притоа, кокошките преку ден слободно се движат, а навечер спијат во кокошарникот. За разлика од нив, кокошките што се одгледуваат во големите живинарски фарми, живеат во строго контролирани услови, во кафези со вештачко светло и избалансирана исхрана. Улогата на квачка ја имаат големите вештачки инкубатори кои зрачат топлина и овозможуваат дневно да се испилат илјадници пилиња. За јајцето да стане пиле, потребни се 21 ден, период во кој квачката лежи врз нив и ги топли. Точно на 21 ден, тие со клунчето ја кршат лушпата на јајцето и излегуваат надвор. Брзо растат, по пет недели им растат пердуви, а со пет месеци се сметаат за возрасни единки.

Можеби знаете а можеби не...

До 1910 година, кокошките биле консумирани само на специјални денови или како неделен ручек. Во тоа време, месото од кокошка било многу скапо. Кокошките можат да живеат од 5 до 10 години, зависно од расата. Но, според Гинисовата книга на рекорди, најстарата кокошка на светот живеела 16 години. Петлите, освен за репродукција, се користеле и за борби со петли.

< >
<
>