Патка

Anatidae

Патките и сродниците се фамилија птици во која спаѓаат патките, гуските и лебедите.
Тие се распространети низ целиот свет, на сите континенти, освен на Антарктикот. Тоа се птици кои во текот на еволуцијата се адаптирале за пливање, пловење на површината на водата, и во некои случаи, нуркање во плитката вода. Фамилијата содржи околу 170 вида, сместени во 43 рода.
Поради неконтролираниот лов во минатото, заради храна или рекреација, како и поради постепеното уништување на нивните природни живеалишта, некои видови патки исчезнале или им се заканува изумирање. Многу видови се препознатливи по годишните миграции, кога можат да поминат во лет по неколку илјади километри. Човекот за своите потреби припитомил неколку видови патки кои се одгледуваат за месо или како украсни птици. Патките се мали до големи птици, со долгнавесто тело.
Големината варира зависно од расата и се движи од 164 грама за најмалата, до 17,2 килограми тежина за најголемата. Крилјата им се кратки и заострени, поткрепени со силни мускули кои брзо ги движат при летање. Типично, имаат долг врат, иако должината варира кај различните видови. Нозете им се кратки, силни и сместени назад на телото. За разлика од другите слични фамилии што живеат на вода, патките се подобри во одењето по земја. Тие имаат прсти поврзани со ципа, која им служи за пливање. Клуновите им се од мек кератин, со тенка, чувствителна линија од кожа на врвот. Телото им е густо прекриено со пердуви што не ја пропуштаат водата. Мажјаците се покрупни и со посветли и поживи бои од женките.
Патките најчесто се тревопасни, но има и видови што се хранат со риба.
Претежно се сезонски моногамни птици. Поголемиот дел, обично помладите, се со еден партнер само една сезона на парење, а кај некои видови, постарите единки живеат со истиот партнер повеќе години. Овие птици се карактеристични и се една од ретките срамилии птици кои имаат пенис, а повеќето видови се адаптирани за копулација само во вода. Конструираат едноставни гнезда со материјал што им е најдостапен, и најчесто само женките ги лежат јајцата. Младенчињата се раѓаат осрормени, способни веднаш сами да се хранат.

Можеби знаете а можеби не...

Патките се познати по тоа што не сакаат да лежат на јајцата, па често своите јајца ги подметнуваат во туѓи гнезда. Јужноамериканската црноглава патка е единствен вид што никогаш не лежи на своите јајца.Во минатото, ловот на патки бил дозволен и често се изведувал за забава. Тоа е една од причините за истребување на многу видови.Бројни влади и организации имаат направено значителен напредок во заштитата на популацијата на патки, преку закони и заштитни програми со кои се забранува ловот и се стимулира размножувањето. Благодарение на ова, последните години популацијата на патки бележи пораст во светски рамки.Патката е птица која за човекот имала големо значење, па е дел од историјата и книжевноста. Една од најпознатите детски приказни е „Грдото пајче“ на големиот автор Ханс Кристијан Андерсен. „Пајо Паторот" (Donald Duck) е еден од најпознатите цртани ликови од филмската индустрија за анимирани филмови на Волт Дизни.

< >
<
>