Магаре

Equus asinus asinus

Домашно животно кое е распространето во целиот свет.
Потекнува од африканското магаре (E. afrikanus), припитомено околу 4 000 години пр. н. е. во долината на Нил, во Египет.
Магарето е припитомено многу време пред коњот и тоа е првото животно што човекот го користел за да носи товар. Магарето и коњот припаѓаат на иста фамилија, Equidae. Анатомски и физиолошки тие се многу слични, но сепак имаат видни разлики.
Ако се спореди дигестивниот систем, нема големи разлики, но истражувањата покажале дека искористеноста на хранливите материи кај магарињата е значително поголема. Во однос на копитата, кај магарињата тие се поцврсти и поиздржливи на нерамен и каменест терен, додека на влажна подлога се многу осетливи - се нагризуваат и пукаат.
Токму затоа, магарињата не се распространети во Централна и Северна Европа, освен во зоолошки градини. Магарето е животно од стадото, со изразени социјални потреби и не сака осаменост. Се пари најчесто во пролет. Во природата. мажјакот може да ја препознае женката која е подготвена за парење на далечина дури до еден километар. Бременоста трае во просек 375 дена. Потоа се раѓа прле, тешко околу 10 кг., во легло каде што обично има едно младенче, ретко две, кои цицаат до една година. Сексуално созреваат на возраст од 12 до 18 месеци. Просечниот животен век им е околу 25 години, а под идеални услови, тоа може да доживее и длабока старост. Најстариот забележан жив примерок бил 54 години. Од дамнешно време, магарешкото млеко било поценето од денес. Старите Грци го сметале за одличен лек, а Римјаните за луксузен напиток. Кај нас, на децата со „црна кашлица” им се давало млеко од „црна магарица“! Магарешкото млеко лекува или ги намалува симптомите на астма и кашлица. Се поголем број деца, особено во градовите, страдаат од разни алергии. Една од најчестите е алергијата на лактоза или едноставно кажано - алергија на кравјо млеко и млечни производи. Кај нас, традиционална замена за кравјото млеко се козјото и овчото млеко, но во 90 % од случаите децата се алергични и на нив бидејќи алергените се исти. Откриено е дека магарешкото млеко, според составот, е најслично на мајчиното и дека е одлична и најдобра замена за кравјото млеко. Докажано е дека децата што се алергични на протеини од кравјо млеко многу добро прифаќаат магарешко млеко, кое е вкусно, благо, хранливо и не предизвикува никакви алергиски реакции. Во составот на протеини, значителен удел зафаќа лизозимот, природна антимикробна супстанција која ги уништува мембраните на бактериските клетки и затоа ова млеко може да спречи цревни инфекции кај доенчиња. Но, многу е скапо. Се продава по цена 50 - 80 евра за литар. Причината е што дневно се измолзува само 200 - 500 милилитри. Многу експерти предвидуваат дека во иднина, адаптираните формули за бебешки млека ќе се прават од магарешко млеко.

Можеби знаете а можеби не...

Магарешкото млеко спречува стареење, ја обновува и затегнува кожата. Тоа било тајната за совршениот тен на кралицата Клеопатра - секое утро се капела во специјална купка од магарешко млеко. За таа намена се одгледувале 700 магариња.
Окото на магарето е екстремно големо, многу поголемо од кит или слон и е двојно поголемо од човечкото.
Магарињата спијат (поточно дремнуваат) само три часа на ден во неколку пократки интервали. Ретко спијат лежејќи, бидејќи тогаш користат повеќе енергија за да го одржат крвотокот и дишењето, па затоа обично дремнуваат додека стојат.
< >
<
>