Phasianus colchicus
Обичниот или кавкаски фазан е птица од семејството фазани и е најголемиот претставник на редот на кокошковидни птици. Потекнува од Грузија, меѓу Црното и Касписко Море, но раширен е низ целиот свет.
Дивите фазани живеат низ цела Евроазија и лесно се аклиматизираат и во другите региони во светот, па живеат и во Канада, Австралија и Африка. Го има и во Македонија. Должината на телото, вклучувајќи ја и опашката, достигнува 70 - 90 см кај машките единки и 55 - 70 см кај женките. Притоа, најголемиот дел од нивната должина - припаѓа на опашката која достигнува 50 - 60 см должина кај машките и 20 - 25 см кај женките.
Обичниот фазан се среќава во многу бои, при што машките единки се многу поубави и со интенизивни шарени пердуви. Телесните пердуви се во линии - светлозлатни и кафеави, со зелени, виолетови и бели шари. Главата им е зелена со мала креста и посебен црвен подбрадок. Некои подвидови имаат бел прстен на вратот. Женката е поскромна во боите, односно е кафеава и малку прошарана со црни линии. Младенчињата личат на женката додека не почнат да им растат карактеристичните светли перја на градите, главата и грбот.
Живеат во шуми, на земјоделски фарми, во региони со високи грмушки и мочуришта со многу трски, каде што успешно се кријат од предаторите. Основен услов за нивното природно живеалиште е да има вода во близина. Фазанот се храни претежно со растителна храна: овошје, семиња, листови но тие ловат и инсекти, гуштери, змии, мали цицачи, а понекогаш и други птици. Обичните фазани се друштвени птици и формираат големи јата. За време на периодот на парење, мажјаците им се додворуваат истовремено на повеќе женки. Притоа, многу често влегуваат во агресивни борби со другите мажјаци. По парењето, тие го губат интересот за партнерката. Женките ги несат јајцата од април до јуни. Тие прават мали вдпабнатинки во земјата каде што положуваат 8 - 15 јајца, на секои 2-3 недели. Периодот на инкубација е 23 - 26 дена. Пилињата се до мајката неколку недели по несењето, но напредуваат брзо и наликуваат на возрасни со 15-неделна возраст.
Можеби знаете а можеби не...
Фазанот е најбрз тркач меѓу сите претставници на кокошковидните птици. Кога трча, фазанот зазема посебна поза, ја крева опашката, а во исто време ја истегнува главата и вратот напред. Со тоа постигнува подобра аеродинамика. Можат да летаат на кратки растојанија, но претпочитаат трчање. Ако се уплашени, тие одеднаш се вивнуваат нагоре со голема брзина, со трепетлив звук што го прават крилјата и се огласуваат со „кок кок кок" како предупредување за другите птици. Летаат со брзина од 43 до 61 км на час, но кога се ловени летаат и со 90 км на час. Фазаните се многу срамежливи птици и се обидуваат да останат во безбедно засолниште. Можете да ги видите наутро и навечер кога излегуваат во потрага по храна. Останатото време се кријат во густите гранки, во високата трева или помеѓу трските во мочуриштата и езерата. Рекордната старост на дивите птици е 7 години и 7 месеци. Кога се припитомени и живеат во заробеништво, овие прекрасни птици живеат тивко од 12 до 15 години. Припитомените фазани најчесто се одгледувале како украсни птици. Најпрвин ги краселе кралските дворови. Денеска се многу чест декор во верските храмови, на фармите и во некои земјоделски стопанства.