Африкански сив папагал (Жако)

Psittacus erithacus
Сивиот африкански папагал, попознат како Жако е вид птица од фамилијата на папагали Psittacidae.
Нивното природно живеалиште се дождовните шуми во Африка, но се среќаваат и на плантажите со овошје, особено плантажите со банани, како и на други обработливи земјоделски површини. Живеат во големи јата и се хранат со семиња и овошје.
Тие се способни за лет, но се лоши летачи.
Жако е папагал со средна големина. Возрасните единки тежат 418 – 526 грама, со приближна должина од 33 сантиметри и распон на крилјата 46 – 52 сантиметри.
Должината на опашката, по правило, не надминува 8 сантиметри.
Сивата боја на главата и крилјата е генерално потемна од телото. Пердувите на главата и телото имаат мали бели рабови. Пердувите на опашката се црвени. Со долгогодишна селекција постигнато е некои сиви папагали да се делумно или целосно црвени. Двата пола се многу слични. Бојата на младите е слична на онаа кај возрасните, но обично нивните очи се темносиви до црни, во споредба со жолтите ириси околу темните зеници на возрасните птици. За време на парењето, мажјакот изведува „танц за парење”. Женката положува три до четири бели јајца. Големината на јајцето не е поголема од онаа на гулабот. Инкубацијата трае еден месец, а по појавата на пилиња, женката останува во гнездото неколку дена, па мажјакот се грижи за нејзината исхрана.
Сивите папагали можат да живеат 40 – 60 години како домашни миленици. Нивниот просечен животен век во дивината е пократок, приближно 23 години. Тие се често нелегално ловени поради трговијата со украсни птици. Но и покрај тоа, се уште се чести во својот африкански дом. Жако е една од најпаметните птици, а нивото на интелигенција е споредливо со развојот на дете на возраст од пет години. Карактеристика на овој тип папагал е можноста не само да репродуцира многу слушнати звуци, туку и да ја повторува интонацијата доста точно. Според истражувачите, Жако лесно може да ја утврди ситуацијата, така што изговорените зборови често се соодветни на атмосферата. На пример, може да го поздрави сопственикот, во моментот кога тој влегува дома. Има мирна нарав, одличен имитатор со способност да изведува трикови. Учи брзо и со леснотија, па се смета за најдобар говорник помеѓу папагалите.

Можеби знаете а можеби не…

Способни се да изговорат до 1 000 зборови или повеќе и да ги користат зборовите во соодветен контекст. Имаат потреба од многу ментални стимулации за да останат среќни и здрави, така што мора да имаат разни играчки и други начини за да се забавуваат. Инаку, тие можат да прибегнат кон деструктивно однесување и да паднат во депресија. Кафезот мора да биде опремен со брава, во спротивно оваа паметна птица може лесно да научи како самата да ја отвори вратата. Жако е птица со карактер, па за да ја научите да зборува, најпрво треба да се спријателите. Таа ќе учи нови зборови сагло кога е расположена. Оваа птица сака да „бакнува”.