Numida meleagris
Африканската кокошка, кај нас позната како бисерка, е од фамилија на птици од редот на кокошките.
Фамилијата е поделена на четири рода и вкупно шест вида. Бисерките се птици слични на кокошките. Долги се 40 – 70 см, а тешки 700 -1600 грама. Пердувите најчесто им се со темносина боја (а има и црни, сиви и бели), со седефесто-бели точки кои потсетуваат на бисери, па оттаму и нивното име. Природно живеалиште им е Африка и Мадагаскар, каде се уште може да се сретнат јата бисерки како слободно живеат во природата.
Како одомаќинет вид се среќава и во многу други краеви на светот, вклучувајќи ги и нашите простори. Бисерките се многу подвижни, брзо трчаат и можат да одат до 10 километри во далечина.
Ако се слободно пуштени во дворот, спијат на дрво и таму сакаат да ја поминат и ноќта. За разлика од кокошките имаат способност за летање, но не сакаат да летаат, освен кога се во опасност. Нивниот лет е праволиниски како на фазанот. Можат да прелетаат од 50 до 100 метри. Бисерките се чуваат во јато од 5 до 10, а на еден мажјак се чуваат 2-3 женки. Годишно, една бисерка може да снесе во просек околу 70 јајца. Инкубацијата трае 27 – 29 дена. Бисерката има најјако јајце во споредба со другата живина, бидејќи неговата лушпа е многу тврда. Имаат карактеристика да ги кријат јајцата. Тие прават гнездо на непристапно место. Таму се кријат и се појавуваат повторно дури откако ќе се испилат пиленцата. Обично се испилуваат 10 -15 пиленца. Најтешко е распознавањето на половите. Мажјакот има црвени реси и ги носи како обетки, додека кај женката се припиени кон вратот и се помали.
Бисерките имаат „рокче” така што мажјакот меѓу двете реси има темновиолетова кожичка. веднаш под клунот, кај вратот, која е карактеристична само за мажјаците. Се хранат со бобинки и разни семиња. Ги сакаат и салатите, но не ги колваат се додека има макар и еден инсект во близина. Оваа нивна карактеристика е многу корисна при органското производство. Земјите од африканскиот континент, како и Индија, Кина, САД, Унгарија и Италија имаат воспоставено системи за интензивно кафезно производство. Кај нас се уште нема таков интерес, па бисерките се одгледуваат само од индивидуални ентузијасти и љубители на птици.
Можеби знаете а можеби не…
Бисерките се моногамни и обично целиот живот го поминуваат со еден партнер. За разлика од другите кокошки, мајките бисерки ревносно го бранат своето потомство и влегуваат во борба, удираат со крилјата, гребат со канџите и силно го клукаат „непријателот” со клунот. Бисерката се смета за вистински чувар на дворовите од змии, гуштери, скакулци и други штетници. Таа има необичен глас со кој ги предупредува и другите жители во дворот дека се заканува опасност. Нивните јајца се многу поскали од јајцата на кокошките, достигнуваат цена и од 60 денари за едно јајце. Тоа се должи на високите хранливи вредности и богатството со витамини и минерали. Месото има сличен вкус со тоа на фазанот, па се смета за специјалитет.