Columba livia

Зборот „гулаб“ доаѓа од латинскиот збор pipio што во превод значи „малечка птица”.

Гулабите се сметаат за едни од најинтелигентните птици кои можат да се препознаат себеси во огледало, да разликуваат 26 букви од абецедата и да разликуваат луѓе на фотографии. Гулабот е птица од фамилијата Columbidae и има околу 15 подвидови.

Живее во Јужна Европа, Југозападна Азијa и Северна Африка. Се хранат со зрна од житарици, плевел, репки, моркови, грашок и лен. Иако за време на сеидбата јадат жито или други житни растенија, тие многу повеќе сакаат семки од различни видови плевел и затоа гулабите се покорисни од она што се мисли. Дивите вариjанти на гулаби гнездата ги градат на стрмни карпи, а градските гулаби користат мостови, стреи и слични градби. Женката до трипати годишно снесува по две jајца во гнездото и врз нив лежат двајцата родители. Тие храбро го бранат подрачјето на гнездење и ги бркаат сите натрапници. По 16 -18 дена се испилуваат младите. По 4 недели, младите гулапчиња излетуваат од гнездото и продолжуваат да се грижат сами за себе.

Во светот постојат околу 200 вида гулаби. Еден од нив е македонскиот автохтон гулаб – дунек. Тој се одликува со грациозност, убавина и способност за егзибиции во воздухот, па дунекот главно победува на меѓународните натпревари во гулабарство.

Можеби знаете а можеби не…

Откако ќе се спарат, гулабот и гулабицата засекогаш остануваат заедно се до крајот на животот. Првите записи за гулабите се наоѓаат во Стариот завет од Светото писмо. Според Библијата, кога Господ Бог го поплавил светот, по неколку недели од потопот, пловејќи со својот брод, Ное пратил бела гулабица да провери дали во близина има копно, а таа се вратила со маслиново гранче во клунот. Ова луѓето го толкувале дека Господ се помирил со нив, па затоа, денес, гулабот со маслиново гранче во клунот е симбол на мирот. Во старото Римско Царство, гулабите ги пренесувале резултатите од Олимписките игри. Во Првата светска војна се смета дека се користеле над 500 000 гулаби за разнесување пораки, бидејќи истренираните гулаби писмоносци можат да летаат со брзина од 130 километри на час, а можат да прелетаат од 100 до 1 000 км во еден ден. Благодарение на гулабите и нивните пораки, биле спасени голем број човечки животи. Во спомен на нивниот придонес во војната, во градот Лил, Франција, подигнат е споменик на паднатите гулаби од Првата светска војна. Една од најубавите приказни е поврзана со градот Венеција и фактот дека денес, на централниот плоштад „Свети Марко”, живеат илјодници гулаби кои се вистинска туристичка атракција. Во 12 век, венецијанскиот дужд Енрико Дандоло извојувал голема победа како крстоносец, а веста во родната Венеција ја донеле гулабите. По враќањето дома, дуждот го убедил Сенатот да издаде акт со кој Венеција во знак на благодарност се обврзува додека има свет и век – да ги храни сите гулаби што ќе побараат прибежиште во Венеција. Големиот Никола Тесла, кој го предвидел безжичното пренесување на пораки, бил голем вљубеник и пријател на гулабите.