Ovis aries

Овцата е меѓу првите животни кои ги припитомил човекот. Спаѓа во редот на чапункари. Добиена е со доместификација на муфлонот пред околу 12 000 години. Во светот постојат околу 200 раси овци, распространети низ целиот свет, освен на далечниот север. Се одгледува за месо, млеко, кожа и волна. Волната од овците е најшироко употребувана.
Тежината и големината многу варираат од една до друга раса. Просечната овца е долга 1,50 метри и висока 90 см. Тежината се движи од 45 до 150 килограми.
Може да се размножува штом ќе наполни една и пол година. За време на парењето, мажјаците меѓусебно се удираат со роговите. По 150 дена од спарувањето, женката обично ојагнува едно јагне.
Доењето трае 4 месеци. Овцата е тревопасен преживар: зиме останува во трлото и се храни со сено и со зрнеста храна од житни растенија, напролет се напасува на пасишта. Животниот век е од 10 до 12 години, иако некои овци можат да живеат и 20 години. Како и сите преживари, овците имаат сложен дигестивен систем кој им помага да ја разложат целулозата од растенијата и семињата до едноставни јаглехидрати. Имаат развиени сетила за мирис и вкус, што им помага да ги одбираат слатките и кисели вкусови, а да ги одбегнуваат тревите со горчлив вкус. Сетилото за вид и допир им помага да одредат дали билката е сочна. Имаат широко видно поле, особено расите што немаат волна на лицето. Кај расите овци што имаат волна на лицето, доколку не се шишаат, видното поле може да им се намали и да доведе до „волнено слепило”. Се смета дека овците имаат вид во боја и можат да разликуват црна, црвена, сива, зелена, жолта и бела боја. Додека пасат, овците одржуваат визуелна комуникација помеѓу себе преку видот, па често ја поткреваат главата за да ја проверат позицијата на другите овци од стадото. Тоа им помага да го следат стадото додека се движат пасејќи. Овците имаат мирисни жлезди пред очите и интердигитално на нозете. Овие мирисни жлезди на нозете се смета дека им помагаат на изгубените овци да ги маркираат мирисите на стадото и полесно да го најдат. Модернизацијата и брзиот развој на дигиталната технологија, нашле примена и при одгледувањето на овците. Модерните овчари го надгледуваат стадото со дронови и лесно ги наоѓаат изгубените овци.

Можеби знаете а можеби не…

Овците имаат хоризонтални зеници со одличен периферен вид и видно поле од 270° до 320°, што им овозможува да гледаат зад себе без да ја вртат главата. Од дебелото црево на овците (и козите) во минатото се произведувале струни (жици) за гудачки инструменти (харфа, виолина, виола). Денеска повеќе не се користи за тоа, туку за производство на хируршки конец „кетгут” кој се користи за шиење на внатрешните органи, бидејќи по кратко време брзо се ресорбира. Овците се сметаат за неинтелигентни животни, но практиката покажува дека не е така и дека тие дури можат да се дресираат, бидејќи распознаваат лица и емотивната состојба на овчарот. Кога се изгубени и изолирани, овците се под силен стрес. Некои експерименти потврдиле дека ако им се стави огледало, стресот се намалувал. Ова значи дека погледот кон другите овци од стадото, кои пасат, ги смирува и им го намалува стресот. Најпозната овца на светот е Доли. Таа е првиот клониран возрасен цицач по пат на генетски инженеринг.